„Вардарска долина“ - Неостварен проект на столетието

Архитектура - Домашна архитектура



Тоа е најголемиот проект во Македонија во енергетскиот сектор, чија вредност се проценува на 1,2 милијарда евра. Со него се предвидува изградба на 12 средни и мали хидроелектрани по текот на Вардар, од Велес до Гевгелија. Ако се реализира проектот, до Велес ќе пловат и вистински бродови, а не само импровизирани сплавови. Мегапроектот „Вардарска долина“, кој може да значи спас во енергетска, транспортна, еколошка, туристичка и во целокупна економска смисла за државава пак, по којзнае кој пат, ја бранува јавноста.


Дали дури сега проектот е зрел за реализација или, пак, што е поважно, дали сега има пари за него и инвеститори што ќе застанат зад неговата реализација ќе биде јасно за некој месец, кога се очекува да завршат преговорите со Кинеската развојна банка. Дознаваме дека во тек се интензивни разговори помеѓу кинеските и нашите претставници во тимовите назначени за преговори. На оваа тема интензивно се работи и во македонската амбасада во Пекинг, а кинеските преставници се сé почести гости во Скопје.


Она што е новина е дека државава се залага целата инвестиција да остане во државна сопственост, додека Кинезите ќе бидат во улога на изведувачи и даватели на заем под услови кои понатаму ќе се дефинираат. Засега не се знае која сума е во игра и дали ние воопшто ќе добиеме пари или само готов изведен проект од страна на Кинезите и долг што ќе треба на долг рок да и го враќаме на Кинеската развојна банка.

- „Вардарска долина“ е проект што ќе биде во државна сопственост, но ќе го гради странска компанија со која ќе склучиме договор. Изминативе неколку месеци се водат интензивни разговори со Кинеската развојна банка, која е заинтересирана да ни обезбеди еден вид заем за изградба на овој мегапроект. Битно е да се напомене дека не се работи за концесија или за друг вид издавање на целиот проект, туку дека тоа е државна инвестиција со странски заем. Единствен услов од кинеска страна е целиот проект да го гради кинеската фирма ЦВЕ - изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.



Исплатливоста и законодавството главни дилеми

Од Министерството за финансии коментираат дека доколку се постигне договор, тој ќе треба да биде даден на разгледување во Собранието, од каде што треба да се добие зелено светло за почеток на реализацијата и целиот договор да добие сила на закон. Претходно, дел од стручната јавност коментираше дека поради различното политичко и економско уредување на двете земји, ќе биде потребно усогласување на некои законски мерки, со цел да се најдат заеднички точки на соработка помеѓу нивната државна планска економија и нашата слободно пазарна. Последните случувања на политичката сцена во Македонија не одат во прилог на оваа идеја, но за ваков грандиозен проект и не треба да се брза. Експертите од оваа област велат дека мора да се направат темелни истражувања на секое поле, па потоа да се оди со донесување одлуки.

- Тоа што се планира целата инвестиција да остане во наша, државна сопственост е одлично. Ако се оди со заем врзан со изведба, а притоа да не се даде проектот под концесија е убаво решение за нас. Сепак, треба да се види дали целиот проект е исплатлив. Кинезите за ова не се грижат многу. Тие се во инвестициски бум и гледаат да ги придобијат сите поголеми расположливи енергетски ресурси на планетава - велат експертите по енергетика со кои зборувавме за овој проект.


Што е „Вардарска долина“?


„Долината“ е најголемиот проект во Македонија во енергетскиот сектор, чија вредност се проценува на 1,2 милијарда евра. Со него се предвидува изградба на 12 средни и мали хидроелектрани по текот на Вардар, на локации од Велес до Гевгелија, со вкупна инсталирана моќ од 320 мегавати и со просечно годишно производство на електрична енергија од 1.000 гигават-часа. За споредба, РЕК „Битола“ има моќ од 675 мегавати и годишно производство од 4.600 гигавати.

Идејата е стара повеќе децении. Уште во 1932 година, на собранието на тогашната Лига на народите во Женева, делегацијата на Кралството Југославија го предложила како проект што би требало да се финансира и да се изгради од страна на меѓународната заедница. Од пет проекти, на тогашна Југославија и биле одобрени четири - отпаднала само „Вардарска долина“.


- Проектот на каналот Морава - Вардар - Егејско Море, комитетот не можеше да го усвои затоа што неговата евентуална изградба не изгледа ни технички ни економски оправдана според принципите на оваа меѓународна акција, а тоа особено се однесува на потегот од Сталаќ до Егејско Море - известува во тоа време Иво Андриќ, кој тогаш бил во функција на отправник на работите во делегацијата на Кралството. За „Проектот на векот“, како што беше нарекуван пред една деценија, имаше и студија за оправданост, која беше изработена од француската влада и од компанијата ЦНР.


Но во 2000 година, со одлука на Собранието и управниот одбор на конзорциумот, тој, од непознати причини, престана да функционира, а целокупната документација за проектот „Вардарска долина“ беше предадена на чување на „Електростопанство на Македонија“, каде што се наоѓа и денес. Експертите велат дека токму овој проект на францускиот конзорциум бил најсериозен до кој дошла јавноста и дека токму од него треба да се тргне во реализација на она што ќе се прави во иднина.


- Сé уште не знаеме што точно се преговара со Кинезите или со некој друг. Како и да е, мора да се види што ќе се прави на Црна Река, Брегалница и на Треска, како најголеми притоки на Вардар. Ако на Црна Река се прават „Чебрен“ и „Галиште“ две големи, високи хидроцентрали како што се планира, тогаш мора да се ревидира целиот проект на францускиот конзорциум, каде што се предвидуваа четири помали. Ако се изградат „Чебрен“ и „Галиште“, тогаш сите брани по устието на Црна Река во Вардар се директно зависни од овие две. Се менуваат и водотеците во реките, па неопходно ќе биде и ревидирање на хидролошката состојба на сите реки поврзани со Вардар, а и на него.

Предлагам да се тргне од овој готов проект на францускиот конзорциум, да се направи ревидирање на водотеците, точно да се установи каде, колку, колкави и какви брани ќе се градат, па потоа да се проектира што било за „Вардарска долина“. Хидроцентралите на реката Вардар мора да се планираат интегрално со централите што би се граделе на Црна Река и на Брегалница - ни изјави Златко Черепналкоски, експерт по енергетика. Државата треба претходно да инвестира и свои пари и да создаде предуслови за реализација на овој проект.


Ќе треба меѓу 150 и 200 милиони евра за преместување на железничката пруга и дел од автопатот Скопје - Велес, бидејќи тие се премногу блиску до реката. Кога би се направиле тие неколку брани во северниот дел, ќе дојде до потопување на целата постојна патна инфраструктура. За споредба, за поместување на пругата кај Велес, заради изградба на тамошната акумулациска брана, дадени се речиси истите пари колку што чинела и изградбата на браната, коментираат познавачите на состојбите.


Автор на текстот: Жарко Василевски

Добра мисла

An important work of architecture will create polemics.

Richard Meier


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 64 гости присутни