„Технолошки парк“ - Еколошка куќа во Скопје

Архитектура - Домашна архитектура



Објект што ќе биде опремен со системи на сите видови обновлива енергија и кој целосно ќе ги задоволува сите потреби за електрична и топлинска енергија ќе се гради на подрачјето на општината Карпош. Енергетскиот нулти-објект, именуван како „Технолошки парк“, треба да биде лоциран на булеварот Илинден, на просторот од хотелот „Александар палас“ до населбата Карпош 4. Општината сé уште нема обезбедено локациски услови, но работат на реализација на проектот.

Вкупната проценета вредност на објектот, кој ќе има корисна површина 1.400 квадратни метри, изнесува 34.700.000 денари, или 570.000 евра. Финансиските средства целосно ќе се обезбедат со меѓународни грантови и донации.



- До крајот на месецов ќе биде готово идејното решение. Сметаме дека за два-три месеци ќе имаме направено финансиска конструкција. Оптимистички гледано, за пет-шест месеци може да се дојде до фаза за почеток на изградбата. Планираме „Технолошкиот парк“ најдоцна до крајот на 2012 година да биде целосно готов - вели Љупчо Димов, еден од креаторите на проектот и раководител на секторот по енергетика во општината Карпош.

Ова ќе биде прв ваков објект на Балканот. Во средината на објектот ќе има стаклена кула со надреалистички изглед, на три ката, висока 16 метри. Во неа ќе бидат сместени сали за конференции, компјутерски центар, помошни простории и лифт. Кулата, како и целиот објект, ќе биде поставен на воздушни перници и сама по себе ќе биде пример за асеизмичка градба, отпорна на каков било земјотрес. Стаклата ќе бидат со натпросечен коефициент на енергетска заштеда. Пресекот на стаклата ќе биде исполнет со инертен гас, со што ќе се добијат комплетно заштитени ѕидови.

- Зградата ќе штеди максимум енергија и самата ќе може да се осветлува, грее и лади. Тој пресек на ѕидовите, со таа транспарентна изолација, односно вакуумирана стаклена волна, со дебелина од два и пол до три сантиметри, всушност е еднаква на изолацијата од „тервал“. Предвидено е електричното напојување да се обезбедува со пет-шест фотоволтаични системи. Имаме фотоволтаици што се со фиксна оска и не можат да се мрдаат. Тие ќе се наоѓаат на нишката поставена одозгора, која ќе биде извиткана како змија и ќе бидат свртени кон југ. Вториот тип панели ќе се наоѓаат на вртлива оска, поставени на таканаречени соларни дрва, во дворот, свртени кон југ. И тие ќе даваат струја за внатре, која ќе се складира со атомски батерии и ќе се претвора во наизменична струја - објаснува Димов.

Третиот тип преку кој ќе се добива енергија се системите што од сончевата енергија прават струја, но и топла вода. Четвртата важна компонента се сензибилните фотоволтаици, кои сé уште се во фаза на експеримент во Франција, кој функционира по принципот на фотосинтеза. Ќе може да дава струја додека е светло надвор. Петтата компонента се фотоволотаици што ќе бидат на стаклената фасада, која самата по себе е извор на енергија.

Греењето и ладењето ќе се обезбедуваат и преку геотермални пумпи, сместени во подрумот. И тој простор ќе биде изложбен, па посетителите преку посебен ЛЦД-дисплеј ќе може да видат како изгледа и работи геотермална пумпа.

Во дворот ќе биде поставена фонтана, поточно мала бетонска брана, со водопад и езерце, поврзана со цевка, која ќе води до централата, која всушност ќе биде генератор и ќе биде врзана за пумпите што црпат технолошка вода, 10-12 литри во секунда, и ќе ја носат до геотермалните пумпи во објектот и ќе дава струја.

Од 84 локални самоуправи, само 14 имаат донесено вакви програми, и покрај тоа што со Законот за енергетика се обврзани да изработуваат такви проекти, што е пропишано со сите европски закони. Вакви паркови во Европа има десетина, како во Минхен, Стокхлом, Варшава.

Автор: Биљана Стојановска

Добра мисла

Architecture is the reaching out for the truth.

Louis Kahn


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 63 гости присутни