Згаснува бисерот на византиската уметност

Архитектура - Домашна архитектура



Без здив остава фантастичниот живопис во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, кој на неколку нивоа ја раскажува целата историја на христијанството. Но во црквата нема светло што ќе ви овозможи јасно да ги видите деталите на фреските, кои делумно се оштетени и од влага.

Црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, споменик на културата од 1313 година, со еден од најубавите живописи од византискиот период - дело на солунските зографи Михајло и Евтихиј, е оставена на грижа и чување на локалното население. Уште при самиот влез во црквата без здив ќе ве остави фантастичниот живопис, еден од највпечатливите на византиското фрескосликарство, кој на неколку нивоа ја раскажува речиси цела историја на христијанството. Но во црквата нема светло што ќе ви овозможи јасно да ги видите и деталите на прекрасните фрески.


Клучевите од црквата ги има момче од селото, кое живее во непосредна близина. Тој вели дека се случува со месеци да не дојде ниеден претставник на некоја институција, вклучувајќи го и локалниот свештеник, кој, како што велат селаните, одржува служби само за поголемите празници.

- За црквата се грижиме јас и братучед ми на доброволна база, со мала помош од градоначалникот на општината. Не се сеќавам дека дошол некој повисок претставник од МПЦ да ни каже нешто во врска со црквата. Таа практично стои отворена без никаков надзор. За да ја осветлиме за посетителите, носевме струја со кабли, но сега и светилките се прегорени - вели Оливер Серафимовиќ, кој заедно со братучед му, практично, се домаќини на храмот.

Како последица на тоа веќе се направени помали штети од несовесни луѓе. Откорнати се таблите со информацијата дека црквата е споменик на културата, а неодамна е ишарана и влезната врата.
- Полицијата, која е стационирана во непосредна близина, воопшто не реагираше. Сега веќе и локалното население сé поретко доаѓа во црквата, бидејќи и свештеникот речиси не се појавува - вели Серафимовиќ.


Конзервацијата нема да почне наскоро

За обемниот проект за конзерваторско-реставраторски зафати на архитектурата и фреските на црквата, кој датира од 2009 година, од програмата ИПА на Европската комисија, одобрени се околу 1,5 милион евра. И Министерството за култура, според нивните правила, ќе учествува со одредена сума. Но поради обемната администрација, тој тешко ќе може да се реализира до наредната година.

- Освен за конзеравторско-реставраторски зафати на црквата, камбанаријата и старите гробишта во дворот, средствата се наменети и за реконструкција и адаптација на запуштеното училиште во близината. Тоа треба да се претвори во мал етнолошки музеј, како и да се уреди малиот селски плоштад зад црквата - вели Кристина Бицева од Управата за заштита на културно наследство.

Според процедурата, прво треба да се склучи договор меѓу Европската комисија и Министерството за култура, по што ќе следуваат дополнителни истражувања и изработка на конзерваторски проект.
- Проектот е одобрен, но средствата сé уште не се доделени. Се работи за обемен зафат на комплетна конзервација и реставрација на архитектурата на црквата и фрескосликарството - вели Бехиџудин Шехапи, директор на Националниот конзерваторски центар, кој ќе раководи со работата.



Целиот проект било во план да заврши за три години, односно до 2012 година. Приоритет на Националниот конзерваторски центар ќе биде конзервација на фрескосликарството, кое при досегашните зафати не е најуспешно изведено.

- Во најалармантна состојба се фреските во горните делови што се нагризани од влага. Основно правило е конзервацијата да се направи со исти или слични материјали - велат оттаму.

Избледувањето и лупењето на фреските од горниот дел на црквата се должат и на несоодветниот покрив од керамиди, кој го заменил оригиналниот во 1990-тите. Во 2006 година црквата е ставена на листа на Европската комисија на најзагрозени споменици во земјава.


Модерни студии, лоша состојба на терен


И додека трае целата административна врева, портата на црквата е оставена отворена. Секој што ќе посака може да влезе. Во црквата нема струја, а застарените инсталации претставуваат опасност од пожар. И покрај интересот на туристите да го видат овој бисер на византиската уметност, во црквата не може да се најде публикација со неопходните информации. Единствена е публикацијата за знаменитостите на целата општина Старо Нагоричане, која може да се купи само од жителите на селото.
- Додека се прават модерни студии за оправданост, црквата е оставена во влага, без светло и необзебедена. Штета е што ваков капитален споменик што се наоѓа на само два километри од магистрален пат е оставен во ваква состојба. Управата треба да направи напор колку-толку да го одржува овој споменик, пред да почнат обемните зафати - вели Панче Велков од здружението за културно наследство „Македонида“.


По инсистирање од селаните, градоначалникот поставил рефлектори околу црквата, кои сега повторно не работат. По пат на лични донации од хумани луѓе тие успеале да направат и чешма во дворот.
Фрескосликарството во „Свети Ѓорѓија“ е визуелна историја на речиси целото христијанство прикажано преку циклусите фрески со помали димензии, кои претставуваат сцени од животот на Исус Христос, свети Ѓорѓија, свети Никола, Богородица. Исклучително редок мотив има фреската што го претставува исмејувањето на Христос (кое вака прикажано го има уште само во црква во Србија и во Ерусалим). Несвојствени се и фреските на камениот олтар, со претстава на светителот св. Ѓорѓија и Богородица, чии места се заменети, спротивно на вообичаените канони. За раритетна се смета и фреската „Тајната вечера“, бидејќи наместо правоаголна, претставена е елипсоидна маса.


Историјат за црквата

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во кумановското село Старо Нагоричане се смета дека е едно од најзначајните и највисоките места во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Црквата датира од 11-от век и се смета дека била во форма на базилика за која не постојат пишани документи и записи од што е срушена. Како прв градител на црквата се спомнува името на Роман IV Диоген кој што бил византиски цар а значајно е да се напомене дека истата била и фрескоживописана но по нејзиното рушење зачуван е само еден дел.


Станува збор за фрагментот од северниот ѕид на наосот кој што е зачува од 11-от век додека денес се она што е во црквата датира од крајот на 13-ти и почетокот на 14-ти век. А истотака од првата црква од 11-от век зачувани се и ѕидовите на фасадите од тесани камени блокови до сводовите. Денешната црква која плени со нејзината убавина е обновена од страна на српскиот крал Стефан II Милутин во 1313 година што може да се забележи по камениот натпис кој е поставен на западната влезна врата во црквата. Црквата која што ја обновил цар Милутин и која што до ден денес е во селото по својата архитектура претставува монументална, трокорабна, петокуполна базилика во форма на впишан крст со издолжен травеј кон источниот и западниот дел.

Куполите и сводните површини се украсени со богата керамопластична декорација. Внатрешниот крстообразен изглед е формиран со полукружните сводови преку столбовите и пиластрите. Над централниот дел се издига голема осмострана купола а во аглите се распоредени четири помали кубиња. Олтарната апсида од внатрешната страна е полукружна а однадвор во горната половина петострана. Јасно се забележуваат пиластри кои се остатоци од постара црква а на западната страна зачувани се урнати ѕидови и отвори за греди од постоењето на некогашната припрата. Кога се обновува црквата се возобновува и фрескоживописот во 1313 година кога како игумен на манастирот бил Венијамин.

Живописот на манастирот е работен од страна на најпознатите средновековни солунски зографи во Македонија, Михајло Астрапа и Евтихиј. Овие двајца познати зографи ја цртале црквата 5 години и истата била насликана од темелот па се до кровот. Значајно да се напомене за живописот во манастирот е тоа што преку него може да се забележи развитокот на стилот од 14-от век во кој што циклусите се претставени на наративен начин запазувајќи го реализмот кој што опстојувал во тоа време.


Интересни се фигурите кои се изведени во живо движење и динамика се со цел да се диференцираат ликовите. На прв поглед иако композициите изгледаат пренатрупани со ликови тие се јасни со правилно сместување во просторот. По ѕидовите на манастирот се распоредени циклусите од Големите празници, Страдањата, Чудата, Параболите Христови, сцените од животот на Св. Ѓорѓи, на Св. Никола и на Св. Богородица а календарските сцени се во горните зони на нартексот.

Во централната купола за првпат во византиската уметност е насликан Христос Седржател (Пантократор) заедно со Небеската литургија која подоцна ќе стане составен дел од сликарството. Во олтарската апсида е насликана Богородица со Христос на трон фланкирана со два архангели а под неа се претставени Причестувањето на апостолите и Литургиската служба на архиереите.

На олтарската преграда северно е насликан Св. Ѓорѓи патронот на црквата а јужно Богородица Пелагонитиса кои се допојасно прикажани и се единствен пример на фреско икони на камен во Македонија од 14-от век. Над главниот влез на западниот дел во нартексот е претставена вообичаената композиција Успение на Богородица. Ктиторската композиција кралот Милутин со модел на црквата во рацете и неговата сопруга Симонида, ќерка на византискиот цар Андроник II Палеолог, заедно со Св. Ѓорѓи кој во левата рака држи меч како подарок наменет за кралот е насликана на северниот ѕид на нартексот но денес истата е видно мошне оштетена.

Истотака забележителна е композицијата на двајцата од четворицата браќа кои живееле испоснички живот а тоа се Прохор Пчински и Јоаким Осоговски. Календарските сцени се издвојуваат по тоа што на нив се претставени казните кои биле изрекувани додека некој нешто згрешел.


Истотака претставено е мачењето на Св. Ѓорѓи и мачењето на Исус Христос. Од третиот ред па се до пантократорот било нацртано целото детство на Исус Христос но со рушењето на црквата голем дел од фреските биле уништени. Голем дел од фрескоживописот е уништен и при течењето на црквата затоа што истата била покриена со олово кое турците го украле а потоа била покриена со керамички плочи кои биле причината за течењето на водата.

Пред 15 години сменет е покривот на црквата која повторно е покриена со олово и сместени се крстови на покривот. Фрескоживописот во црквата е автентичен и истиот само е конзервиран и исчистен. Посебноста на црквата е во тоа што е зачувана првобитната олтарна преграда односно иконостасот кој што е изработен од камени столбови, паралелни плочки и орнаментира архитраф. Чувството на светост се доловува и во дворот на манастирот каде сеуште постојат гробовите на црковните луѓе и на селаните. Во дворот поставена е камбанаријата која е во поново време изградена и ако во минатото манастирската црква не била отворена за црковните обреди, денес таа е отворена и во неа се изведуваат кршевки, венчавки и слично поради фактот што истата е предадена на црквата.

Со еден збор сите оние кои што немале можност да го погледнат овој стар храм, пропуштиле да видат богата и неповторлива галерија од фрески кои се ремек дело на византискиот класицизам во 14-от век од палеологовската епоха и воопшто од средновековната уметност во Македонија, Балканот и во светот.

Автор: Мимоза Петревска -Георгиева
Фото: Александар - Волан

Добра мисла

But those musics do not address the larger kind of architecture in time that classical music does, whatever each one of us knows that classical music must mean.

Michael Tilson Thomas


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 64 гости присутни