Долгогодишната најлон-узурпација станува легална

Архитектура - Домашна архитектура

Од градската управа велат дека само четири кафулиња до сега побарале дозвола за поставување зимски тераси, можност што се отвора со измените во Законот за градење и со која илјадници квадратни метри јавна површина најверојатно засекогаш ќе им бидеодземена на пешаците.

Со измените во Законот за градба се отвора можност илјадници квадратни метри јавна површина што им припаѓа на сите граѓани засекогаш да биде загубена поради бизнис интересите на угостителите. Со новите одредби се овозможува да се направат таканаречени зимски тераси, односно површините што се закупуваат за летната сезона да им се остават на користење на кафеанџиите и во зимската.

За таа цел тие ќе може да се заградат, а градската управа е институцијата што ќе треба да одлучи дали тоа ќе може да се направи со најлони, со стакло, со метална конструкција или без ништо, само да се постават високи грејачи. Засега градот е со став дека не треба да има заградувања, бидејќи на тој начин настануваат привремени објекти.



И ГОДИНАВА ПРИКАЗНАТА Е ИСТА


Законската можност за зимски тераси е новина само на хартија, бидејќи на улиците тие постојат веќе неколку години. Познато е дека кејот 13 Ноември и улиците Македонија и Ленинова се најпопуларните локации каде што угостителите распослуваат маси и столови на јавните површини, пред се во лето, но се обидуваат да се задржат што подолго. И годинава состојбата е иста. Сезоната официјално заврши на 30 октомври, општината Центар испрати неколку предупредувања до кафеанџиите, а инспекциите направија обиди да ја соберат поставената урбана опрема.

На кејот 13 Ноември кафулињата „Рич“, „Ало Ало“ и ирскиот паб „Ст. Патрик“ ги затворија просторите непосредно пред локалите со најлони. Кубанскиот ресторан и „Плаза дел торос“ го направиле истото со конструкции од цврсти материјали и со стакло. Ресторанот „Ања“ има поставено најлони не само пред својот влез, туку и во средишниот дел. Само терасата на „Картел“ се уште е отворена. На улицата Македонија нема затворени тераси, поставени се само грејачи за да го затоплуваат отворениот простор. Слична е и состојбата со улицата Ленинова, каде што дел кафулиња се уште чуваат маси надвор и се обидуваат да искористат понекој последен сончев зрак.

Граѓаните коментираат дека на овој начин преку целата година губат површина што треба да служи за пешачење, а во многу случаи со тоа им се намалува и безбедноста во сообраќајот.

- Безбедноста е на ниско ниво, особено на улицата Ленинова, бидејќи целите тротоари се зафатени со маси, а од двете страни на коловозот се паркираат возила. На пешаците им останува да одат само среде улица. Одвај чекавме да заврши летото за кафулињата да се повлечат, но ништо од тоа. Ако им дозволат да останат цела година, пак, хаосот ќе биде неподнослив - велат жителите на Ленинова.



ЕДЕН КВАДРАТ ЧИНИ 15 ДЕНАРИ ДНЕВНО


Од градската управа велат дека само четири кафулиња до сега побарале дозвола за поставување зимска тераса, но не сакаат да откријат кои се и на кои локации закупиле јавен простор. Градот и Министерството за транспорт и врски се уште не се договориле дали ќе се вадат сезонски дозволи, прво за летна, па за зимска тераса, или ќе се издаваат годишни. Извесно е само дека закупувањето на просторот зиме ќе ги чини кафеанџиите исто како и лете, скромни 15 денари за квадратен метар дневно.

Градските власти цврсто уверуваат дека законските измени нема да овозможат неограничено ширење на кафулињата и преградување нови простори.

- Нема да биде дозволено класично затворање на терасите со најлон или со метална или дрвена конструкција и стакло. Таквите градби ќе имаат статус на привремени објекти и нема да се толерираат. Затоа секој што сака да си ја задржи терасата и во зимскиот период ќе може само да постави грејачи. Се уште нема одлука за времетраењето на дозволата. Законот е релативно нов и уште преговараме со министерството. Засега таа ќе биде сезонска, а во иднина може да се направи и годишна - објаснуваат од градската управа.

Драган Симоновски, портпаролот на Министерството за тра­н­спорт и врски, пак, вели дека за начинот на кој што ќе треба да се постават зимските тераси ќе одлучуваат локалните власти. Но тие ќе треба да се придржуваат кон упатствата што ги изработува надлежното министерство.



Советници од Центар загрижени за преградувањето

Дел советници апелираат до Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на општината, и до инспекциските служби да ги отстранат сите конструкции што немаат добиено дозвола за поставување зимски тераси. Тие велат дека кејот 13 Ноември повторно е преполн со најлони и со цврсти конструкции.

- Сакаме да знаеме кои се условите за добивање дозвола за зимски тераси и колку од објектите во Центар имаат таков документ. Според тоа што ние сме го слушнале, дозвола имаат два-три локали, а целиот кеј личи на еден голем магацин, одделен со најлони. Преградите треба да се тргнат од сите места каде што стојат без одобрение. Нивното толерирање е неправда за тие што платиле - велат општинските советници.




:::Нова Македонија

ПОДАРОК: Архитектон

Подаруваме списанија

Добра мисла

Even though I build buildings and I pursue my architecture, I pursue it as an artist. I deliberately keep a tiny studio. I don't want to be an architectural firm. I want to remain an artist.

Maya Lin


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 81 гости присутни