Порта3 - Паркиралишта за 21 век

Архитектура - Книги и списанија



Во најновиот број на Порта3 опфатени се неколку актуелни теми. Разговаравме со архитектот Влатко П. Коробар - добитник на Големата годишна награда на Асоцијација на архитекти на Македонија за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2010 година за објектот основно училиште со градинка „Нова“.

Ќе имате можност да се потсетите на делото на Јанко Константинов, архитект и ликовен уметник (1926 – 2010) кој ја внесе современата архитектура во нашите простори. Една од поинтересните теми е и репортажата за саемот за архитектура, материјали и системи, БАУ 2011, Минхен.

Добитници на најновиот број на Порта3 се:

  1. Павлинка.Бандовска
  2. Емилија Миткоска
  3. Марио Стојановски
  4. Катерина Попова
  5. Сашо Табанов
  6. Ѓоре Миров
  7. Андреј Бандовски
  8. Mери Димитриоска
  9. Валентина Ангелова
  10. Елена Колев
  11. Милка Ѓоргиевска
  12. Катерина Николовска
  13. Даринка Стојановска
  14. Пецо Шурбевски
  15. Дарко Георгиев

За начинот на подигнување на списанијата кликнете тука.


Статија од Порта3 - Паркиралишта за 21 век

Деновиве, македонскиот дневен печат ги најави плановите на ЈП „Градски паркинг“ во Скопје за воведување нови стандарди во паркирањето на паркиралиштата со кои управуваат. Според овие информации се планира сите постоечки паркиралишта да бидат модернизирани. Покрај преасфалтирање и соодветно одбележување, се предвидуваат и значајни подобрувања во обезбедувањето на паркиралиштата преку нивно оградување, соодветно осветлување и инсталација на системи за постојан видео надзор. Истовремено, се планира и проширување на асортиманот на услуги кои ќе се нудат на паркиралиштата, преку изградба на автоматизирана пералница, пералница со компресор и пумпа за шампонирање и миење на возилата, но и изградба на натстрешници за заштита на возилата од атмосферски влијанија. Со ваквата модернизација, ЈП “Градски паркинг“ очекува значително подобрување во квалитетот на услугите, а со тоа и проширување на асортиманот на услугите на нивните паркиралишта. Се разбира, во услови на пазарна економија треба да се очекува дека стопанствениците на останатите паркиралишта, било да се јавни или приватни, ќе се стремат да го подобрат и надминат нововоспоставениот стандард, како во Скопје така и во сите други општини низ земјава.

Сево ова долгорочно ќе ги подобри услугите за паркирање во земјата, а ако секој стопанственик стави акцент и на некој друг аспект, ќе се овозможи унапредување на основните принципи за побезбедно паркирање. Иако ваквата можност веројатно не е иделна, присутна е и во многу поразвиени средини од нашата. На пример, во Велика Британија секој стопанственик на паркиралиште ги приспособува стандардите за паркирање според своите деловни приоритети. Вообичаено, паркиралиштата во урбаните средини се во сопственост на општината и честопати управувани од неа, освен ако не се изнајмени на приватна компанија да ги управува во нејзино име. Најголемиот број паркиралишта кои не се во сопственост на општината, најчесто се стопанисувани од, или во име на профитни или непрофитни правни субјекти кои се сопственици на земјиштето или пак имаат право на негово користење. Во ваква ситуација неминовно се применуваат различни стандарди. Како резултат на ова, корисниците на овие услуги имаат потешкотии да го разберат квалитетот на услугите што ги нудат различни паркиралишта. За да се надмине ваквата ситуација на ниво на земјата, постои доброволен систем за независно оценување на квалитетот на паркиралиштата. Станува збор за „Парк Марк“ (Park Mark) акредитацијата.

„Парк Марк“ е заштитено регистрирано име на шемата за побезбедно паркирање (Safer Parking Scheme). Овој систем на акредитација е управуван од страна на непрофитната професионална организација „Британска асоцијација за паркирање“ (British Parking Association - BPA) во име на „Асоцијација на главни полициски офицери“ (Association of Chief Police Officers - ACPO), со цел да се подигне нивото на заштита и обезбедување на паркиралиштата. Ваквата акредитацијата се издава само на оние паркиралишта што ги исполнуваат минимално пропишаните стандарди според овој систем на акредитација, а врз основа на оценка од страна на „Полициски архитектонски офицер за врска“ (Police Architectural Liaison Officer). Задржувањето на акредитацијата е условено со позитивно оценување на паркиралиштето при редовни последователни испекции, и оценувања од страна на “Полициски архитектонски офицер за врска“.

Со ваква акредитација засега можат да се здобијат само општинските и приватните паркиралишта, паркиралиштата при трговските центри, железничките и автобуските станици, како и паркиралиштата на „паркирај и вози се“ (Park and Ride) системот. „Парк Марк“ акредитацијата се фокусира исклучиво на намалување на криминални активности и на намалување на стравот од криминални активности во рамки на паркиралиштата, а врз основа на проценка на ризикот од вакви активности. Притоа стопанственикот на паркиралиштето треба да обезбеди мерки кои ќе помогнат да се избегнат криминалните активности и антисоцијалното однесување, со што корисникот на паркиралиштето кое има „Park MarkR Safer Parking“ статус знае дека истото е одобрено од полицијата и дека се спроведени неопходните мерки за создавање на безбедна средина. За да се акредитира едно паркиралиште, треба да докаже дека е добро управувано и одржувано, и дека има соодветно ниво на надзор, осветлување, означување и чистота – аспекти кои позитивно придонесуваат за намалување на можностите за криминални активности. Секој од овие поединечни аспекти треба да задоволи одредени национално важечки стандарди како минимум за акредитација.

Во принцип овој систем на акредитација опфаќа шест различни видови паркиралишта: катни гаражи, паркиралишта на ниво во урбани или рурални зони, лифтовски паркиралишта, кровни паркиралишта и подрумски/ подземни паркиралишта, при што пропишаните критеријуми ги рефлектираат разликите што произлегуваат за секој вид. При оценуањето се земаат предвид објектите и површините што го опкружуваат паркиралиштето; водење евиденција и статистичка анализа за криминалните активности; осветлувањето; начинот на управување; зоните за паркирање; пристапот за пешаци, одбележувањето, набљудувањето искажано преку пејасжното уредување, присуството на персонал и патрола, видео надзорот; пристапот за возилата итн. „Парк Марк“ акредитацијата веројатно е добар пример за примена на независна национална и непрофитна структура имплементирана со поддршка и експертиза на полицијата, да се воспостави лесно препознатлив систем за стандард и квалитет во доменот на паркирањето.

Се разбира, присуството на ваква акредитација не ја исклучува можноста за нудење на дополнителни услуги од страна на стопанственикот на пракиралиштето. Деталите за предложената модернизација на пракиралиштата управувани од ЈП „Градски паркинг“ во Скопје во моментов сe уште се оскудни, за да може да се направи подетална анализа на предложеното. И покрај ова, врз основа на најавеното, може да се заклучи дека барем дел од аспектите што влијаат на зголемување на заштитата и обезбедувањето на паркиралиштата ќе бидат предмет на предложената модернизација и ќе придонесат за создавање на паркиралишта достојни за 21 век.

Автор на текстот: д-р Владимир Б. Ладински, д.и.а.


Добра мисла

Any work of architecture that has with it some discussion, some polemic, I think is good. It shows that people are interested, people are involved.

Richard Meier


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 61 гости присутни