Порта3 - Младите архитекти наспроти престижните студија

Архитектура - Книги и списанија



Општината Никшиќ во Црна Гора, кон крајот на минатата година распиша конкурс за проект на Филозофскиот факултет, со кој започна да се дополнува дадениот ДУП на целокупниот универзитетски кампус. Според планот е предвидено во текот на следниов период да се сконцентрира и доврши урбаниот развој започнат уште кон крајот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век…



Според информациите, на конкурсот учествувале 15 пореномирани проектантски студија од регионот, меѓу кои и престижните Studiograd i Studio Synthesis од Подгорица. Од друга страна, распишаниот конкурс бил повод за создавање и на еден мешовит тим од професионалци, кои своите искуства и знаење ги обединиле во еден креативен, современ и урбан проект.

Се работи за тим кој го сочинуваат архитектот Александар Петров од Скопје, кој редовно учествува на сите позначајни конкурси во регионот и пошироко, заедно со Александар Асанин, Иван Асановиќ и Милич Ѓерковиќ, сите од Подгорица. Според Петров, „ваквата мултикултурна и мултидисциплинарна соработка се претворила во добитна комбинација“. Имено, иако не била доделена првата награда, нивниот проект е морален победник на конкурсот. Тој за Порта3 вели дека „конкурсот бил одличен повод да се создаде една мултикултурна група меѓу Црногорци и Македонци, кои успеаја речиси да ја освојат главната премија. Го освоивме второто место, иако се сметаме за морални победници поради тоа што првата награда не беше воопшто доделена.


 

Она што сакам да го истакнам е дека успеавме, од една неформална група како нашата, да ги победиме едни од двете водечки студија кои редовно ги добиваат конкурсите низ Црна Гора“. Проектот од самиот почеток бил поставен да ја следи дадената урбана логика, иако формата и кубусот беа веќе строго зададени преку градежната линија и грубо ја контролираа масивната форма. Како што вели Петров, „најголемиот проблем го создаваше малата квадратура од дадената маркица, која создаваше речиси невозможно какво било алтернативно разигрување на волуменот“.


Според него, „рационалното размислување било одлука која за цело време го следела развојот на проектот, односно се штедело на секој простор и се направила поделба на зададените функции благодарение на наметнатиот, централниот атриум“. „Просторот успешно го дистрибуиравме, а воедно и го поделивме за да биде независен при неговото функционирање, т.е. да се подели администрацијата од студентскиот дел.


 

Типскиот кат во првите две етажи се повторува, додека во приземјето се одзема еден модул со цел да се направи спој на двата различни влеза. Сутеренот ја доживува кулминацијата бидејќи се проширува преку подземјето со дел од постоечкиот јавен простор на приземјето, и на тој начин се добива дополнителен простор кој се појавува покрај библиотеката - простор кој би се користел за пауза и одмор. Со тоа функционалната батерија ја добива композицијата од типот А/ББ'Б'“, објаснува Петров. Двата влеза на приземјето се поставени на начин да го задржат текот на постоечкото движење.



Едниот се надополнува со градското ткиво (станува административен влез), додека другиот со постоечкиот кампус и преку блага рампа се поврзува со нашиот нов објект, кој впрочем станува главен студентски влез. Сутеренот е обложен со масивен необработен камен, со цел да се заштити внатрешноста на просториите, а воедно и да го спои целокупниот објект со земја, додека горната фасада е целосно отворена со стаклена конструкција, на која се поставени вертикални заштитници за сонце, за да се заштитат јужната, западната и источната фасада.

 

Во северниот дел, каде што не се потребни овие заштитници, се монтира друг тип материјал од перфорирани алуминиумски панели, со цел да се постигне еден исчекор со што би се разбило повторувањето. Тука се сместени деканатот, кабинетите на академскиот персонал, а фасадата е од отпечатено стакло по која „течат“ мислите и пораките на големите светски писатели, испишани на различни јазици. Тој мотив воедно претставува и прва слика на куќата за сите кои доаѓаат од правец на центарот на градот. Затоа рабовите на тој дел од фасадата се третирани како своевидна „антологиска рамка“ на внимателно одбрани мисли, испишани на стакло, со содржини кои одговараат на поимот интелектуална слобода.

 


Овој проект, според Петров, претставува вистински доказ како група архитекти, штотуку споени во тим, кои не се познаваат од порано, освен преку размена на своите CV претходно, но со знаење, квалитет, креативност, идеи, тимска деноноќна макотрпна работа и упорност, ја постигнала целта. „Ова за мене како Македонец е од посебно значење што во друга земја, како архитект заедно со тимот со кој работевме оставивме најсилен впечаток.

Секако, посебно беше задоволството што многу позитивно бев прифатен од архитектонската фела во Црна Гора“. „Во силна конкуренција на познати архитекти и архитектонски студија со работно искуство и до 15 години, инаку доста познати и докажани, успеавме да победиме, ние млади ентузијасти, кои секојдневно и макотрпно го пробиваме патот до успехот“, заклучува младиот архитект Александар Петров, кој денес живее и работи во Италија, Црна Гора и Македонија.

 

Автор на текстот: Дејан Буѓевац

Добра мисла

At this present time, matter is still the best way to think of architecture, but I'm not so sure for very long. The computer is radicalizing the way we think about our world.

Ben Nicholson


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 59 гости присутни