Alice, what else is out there - Велимир Жерновски во МСУ

Арт



Поставката „Alice, what else is out there!“ на Велимир Жерновски (1981) се должи на наградата добиена на Биеналето на младите уметници во 2009 година
. Проектот, или инсталацијата, е изведен во просторот на Музејот на современата уметност и опфаќа повеќе разнородни елементи и содржини.

Овој млад автор од 2008 година е дел од работата на Ф.Р.И.К. или Формација за развој на иницијативи во културата, програма што работи на мотивирање на социјално ангажирана културна продукција, ослободена од секаков вид стереотипи и предрасуди. Таквата цел во основа го објаснува и актуелниот ангажман на Жерновски.

Елементите на поставката се распределени неконвенционално низ контрасти и некои акценти, но, во основа, и пред с` заради пастелните тонови и музиката, се создава ефект на релаксирачка атмосфера. Класичните средства се комбинирани со фотографии (од стар албум) врз кој се изведени колористички и линеарни интервенции како и видео на кое е регистриран дел од „животната приказна“ на авторот.

Тој си поигрува, лесно некаде духовито со некои вообичаени клишеа на восприемање и разбирање на нештата за тоа што е слика, а што празнина или како може да се преработи и видоизмени некоја позната слика или претстава што ја оформува човекот.


Во просторот се менуваат или се комбинирани статичното и динамичното, како и ефектите на кич и уметност, но повеќе во смисла на декоративен концепт. Фигурата на Алиса е исцртана на изложбено пано според познат модел, но и таа се доживува повеќе како репродукција отколку како цртеж кој има сетилни или тактилни креативни вредности. Всушност, дадена е нагласка на формата која е пошироко сфатена со ефекти на испразнети знаци во разреден простор во кој се распоредени одбраните елементи.

Приказната на инсталацијата се развива фрагментарно со некои елементи на лично искуство, меѓутоа без траги на личен ракопис. Тука повеќе станува збор за проектирана идеја која некаде „меко“ ги контрастира фикцијата и стварноста. Прашањата за ликовното и животот се губат во некој неодреден простор. Сепак, покрај формата, постои извесна можност за препознавање на некои симболични или метафорички значења.

Автор на текстот: Владимир ВЕЛИЧКОВСКИ

Добра мисла

In architecture the idea degenerated. Design allows a more direct and pleasurable route.

Charles Eames


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 32 гости присутни