Големи изложби за големите Личеноски и Белогаски

Арт



Со многу изложби, ликовни работилници, промоции, уметнички колонии Македонија годинава ќе одбележи два големи јубилеја - 110 години од раѓањето на ликовниот уметник Лазар Личеноски и еден век од раѓањето на неговиот колега Љубомир Белогаски. Во големата манифестација посветена на двајцата основоположници на македонската ликовна уметност се вклучија повеќе институции и организации, предводени од Министерството за култура.

Јубилеите ќе ги одбележат Националната галерија на Македонија, Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност, Факултетот за ликовни уметности, Средното уметничко училиште, Друштвото на ликовните уметници на Македонија и ликовната колонија „Галичник“. Во активностите се вклучени и мијачкото село Галичник, родното место на Личеноски, и Делчево, каде што бил роден Белогаски.

belogaski

Манифестацијата официјално почна синоќа, во Даут-пашиниот амам, во Скопската стара чаршија каде што беше отворена ретроспективна изложба на творештвото на Личеноски. Пред јавноста беа изложени околу 160 дела кои наследниците на големиот сликар ~ ги донираа на Националната галерија. Маја Крстевска, внука на Личеноски и директорка на галеријата, рече дека првпат едно семејство ~ донира на државата толкава колекција од толку важен автор.

- Националната галерија со чест и задоволство ја прифати колекцијата и се обврза да ја чува, заштитува и презентира. Првенствена цел е годинава да ја запознаеме јавноста со творештвото на Лазар Личеноски - рече таа на вчерашната прес-конференција.

Колекцијата ќе биде поставена во Спомен-куќата на Лазар Личеноски, под скопското Кале, крај брегот на Вардар. Таму живееше уметникот со својата сопруга Зое Личеноска, која почина лани. Објектот треба да биде отворен кон крајот на годинава. Во моментот трае оставинската постапка.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека двајцата уметници дадоа голем придонес во развојот на македонската ликовна уметност.

- Целта на оваа манифестација е граѓаните да уживаат во уметноста на овие мајстори и нивните врвни дострели. Заеднички мора да ја подигнеме свеста за нашето културно богатство - рече таа.

Главната прослава на јубилејот на Белогаски е закажана за идниот месец во Музејот на Град Скопје. Таму се наоѓа галеријата „Белогаски“, отворена во 1991 година кога авторот подарил 159 свои акварели. Под наслов „100 дела за 100 години“ ќе бидат изложени 30 акварели од колекцијата на галеријата и 70 дела од приватни збирки и од институции.

- Воедно ќе прославиме и две децении од отворањето на галеријата. Колекцијата е толку важна што е прогласена за национално богатство од прва категорија. Во текот на целата година познати македонски уметници ќе излагаат свои акварели во галеријата - информира Љубица Кондијанова, директорка на Музејот на град Скопје.

Уметницата Тања Балаќ, претседателка на Друштвото на ликовните уметници, на Македонија потсети дека двајцата уметници-гиганти биле на чело на уметничката асоцијација. Во изложбениот салон на ДЛУМ (во Домот на АРМ) годинава ќе биде отворена изложба на дела од сите добитници на традиционалната награда за сликарство „Лазар Личеноски“ што ја доделува Друштвото.

Уметникот Јован Шумковски, декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, рече дека му е чест што ги вклучиле и нив во златниот јубилеј. Завршната изложба на студентите годинава ќе биде отворена во рамките на оваа манифестација. И ликовната колонија „Галичник“ годинава ќе му биде посветена на Личеноски.

Скулпторот Димитар Филиповски донира скулптура која ќе биде поставена пред средното уметничко училиште кое го носи името на доајенот - Лазар Личеноски.

Автор на текстот: В.И.И.

Добра мисла

I love building spaces: architecture, furniture, all of it, probably more than fashion. The development procedure is more tactile. It's about space and form and it's something you can share with other people.

Donna Karan


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 32 гости присутни