MacMurtrie - Алтернативни уметнички дела

Арт

Њујоршкиот уметник Чико Макмуртри во галеријата Чифте-амам ќе остане запаметен по две работи. По поставувањето на првата инсталација на роботска скулптура кај нас со помош на тим составен и од македонски студенти по графички дизајн, електротехника и уметност и по спонтаната негова интервенција на дел од галерискиот покрив, за да ја заштити инсталацијата од дожд. Инсталацијата на Макмуртри во Скопје именувана како „Внатрешен простор“ е негова трета инсталација на надувливи архитектонски тела, создадена со намера да ја инволвира публиката во потполност, да биде индивидуално искуство во времето и просторот, однадвор и одвнатре. Намерата минатата недела беше и постигната.

chico_ropey


Макмуртри од 1991 година со својот колектив „Аморфик Робот Воркс“ работи на роботски скулптури, фокусирајќи се на студија и на креација на движењето преку аморфни и апстрактни органски форми. Интересна е приказната за неговото поврзување со ваквиот вид уметност, кое произлегло од, како што вели, фрустрацијата од ограничената можност на класичните уметнички форми, од сликарството.


organograph

„Се започна додека бев на студии по уметност, без да бидам конкретно определен што точно сакам да студирам. Во почетокот се занимавав со сликарство, но се интересирав и за изведувачките уметности. Се наоѓав во еден хаос каде учев и сликарство, и театар, и боречки вештини, а ме интересираше и антропологија. Се повеќе ме фрустрираа сликите како медиум, бидејќи се се случуваше само на еден квадрат со платно. Една вечер ги соблеков алиштата и скокнав во една од сликите на која работев бидејќи, сакав да оставам конкретен отпечаток во неа. Кога ја погледнав, отпечатокот ми изгледаше подобро од било која работа на некоја слика. По некое време станав за да ја извадам бојата од мене и забележав, дека движењето ми е отежнато поради залепената боја.Токму тоа, отежнато движење, кожата и работата на мускулите во тој момент ме фасцинираа. И додека ја отстранував бојата, бев изненаден дека повторно се откривам себеси под неа. Како сите коцки да си дојдоа на место“.

Таа ноќ била негов вовед во сегашната работа со роботски скулптури. Започнал да создава еден вид калапи на своето тело и со нив правел перформанси кои ја покажувале неговата физичка и естетска трансформација.Калапите изгледале како слоеви кожа, само принт од едно тело, а подоцна добиле повеќе живот, почнале да личат на скулптури. Квалитетот на работата му влијаел да ги оформи во еден вид марионети, што преку вграден механизам самите стануваат изведувачи.

reid_chico


„На тој начин полека почнав да го повлекувам моето тело од марионетите и почнав да создавам машини-изведувачи. Имам скулптури во форма на скелет кој како машина се издига и потоа колабира, како што е случај со самото човечко тело, со неговата еволуција. Работата со тие машини во последниов период ме доведе до работата со надувливите архитектонски скулптури, кои исто како во природата и во архитектурата се издигаат и колабираат, и потоа повторно се издигаат“, додава Макмуртри.

Неговите дела се човечки машини и целиот процес на функционирање им е заснован на човечкото тело. Скулптурите на Макмуртри од скелети и конкретни човечки тела, еволуирале во чисти, органски форми, понекогаш апстрактни, кои сепак се блиски до движењата на човечките мускули. „Правам чисти архитектонски структури кои повеќе наликуваат на внатрешната градба на човековото тело“, вели тој. Материјалот со кој работи потсетува на внатрешната градба на човечкото тело, наменет е за изработка на платна за бродови за едрење. Самиот со него експериментира, со што ги учи и производителите за различните карактеристики на материјалот. Но спојувањето во одредена форма, сепак го смета за најтежок дел. „Нема никакви проблеми скулптурите од таков материјал да се изложат на отворен простор, меѓутоа дополнително треба да се размислува како да се спојат електронските делови што го оживуваат и движат самото дело“.

Првите негови роботски скулптури биле изложувани во галерии, но набрзо почуствувал потреба да ги изложи во јавен, отворен простор. „Интересна ми е врската меѓу скулптурата и локацијата. Изложување на дела на отворен простор за мене е возбудлива работа. Во отворен простор може да ги изненадите луѓето со некое уметничко дело, за разлика од нивната намерна посета на галерија за да видат одредена изложба“. Тој во оваа прилика по прв пат беше во Скопје, кое многу повеќе го фасцинираше со одредени архитектонски градби, отколку со поставените скулптури на отворено.

birds


„Посебен впечаток ми остави само една дрвена скулптура што потсетува на тотем и се наоѓа во близина на градскиот парк. Јас едно време работев со тотеми и веројатно поради тоа, но и поради својата различност од другите дела во градот, ми го привлече вниманието. Останатите во центарот на градот се класични скулптури, што за мене се неинтересни токму поради таа форма. Сметам дека Скопје има и простор и потреба од поинакви, поалтернативни уметнички дела“, заклучува Макмуртри,

Потенцира дека во светот интересот за комбинирање на уметноста со роботиката е се поголем, пред се поради поразвиената технологија која им е достапна на денешните студенти. „Во моментов се развива третата генерација студенти и уметници кои создаваат роботски скулптури. И самиот предавам таков предмет на факултет и можам да забележам дека заинтересираноста на младите за користење нови медиуми во уметноста е се поголема. Денес може едноставно од интернет да симнете програма за роботика и да почнете сами да изработувате робот. Работите беа поинакви во 80-тите кога јас започнував да се бавам со овие работи. Тогаш речиси и да немавме никаква технологија, па потребен ни беше некој хакер да ни помогне со чиповите и со креирањето на софтвер. Меѓутоа, и јас кој немав никакви познавања од оваа технологија, преку постојано прашување и падни-стани техника, станав експерт во ова поле“, вели Макмуртри.

До пред неколку години тој организирал и работилници за роботика со деца. „Роботите се волшебни за децата и тие остануваат вчудоневидени кога ќе им кажете дека можат сами да направат робот. Работата со нив е инспиративна и ако ги прашате како работи еден робот, тие детално и точно ќе ви објаснат се за тоа, бидејќи имаат чиста, недопрена фантазија“.

path


Контактот со Милентие Пандиловски од Институтот „Евро Балкан“ кој беше вклучен во организацијата на проектот, се базира на претходна соработка на една работилница во Австралија. Од таму му потекнува и идејата за изработка на една од скулптурите од својата серија „Надувливи архитектонски тела“ и нејзина презентација во Скопје.

„Побарав од Милентие да најде тим од студенти, кој ќе биде сличен на тимот уметници, научници, електронски инженери со кои стандардно работам. Така се организираше тим од 12 студенти по уметност, графички дизајн и електронско инженерство кои 10 дена интензивно работеа на делото. Покрај тоа моја цел делумно беше да ги научам дека доколку функционираат и соработуваат како група, може да постигнат подобри резултати за одредено време“, истакнува Макмурти.

organograph


Во сите свои проекти тој е уметничкиот директор, а делата во целост се резултат на тимска работа. „За делото во Скопје јас имав идеја за скулптура во форма на октагон и пристапив кон студентите со тој предлог. Заеднички сакавме да направиме форма во која луѓето може слободно да влезат и која ќе ја менува формата додека сте внатре. Основната идеја беше експоненцијално да се менува формата кон внатре и надвор, да потсетува на надворешен и внатрешен архитектонски простор“.

Формата на презентираната скулптура во Чифте амам која привлече голем број посетители ја смета за почетна, и најави дека подоцна ќе се менува.Веќе е предвидено заедничкото дело да се прикаже на изложба под наслов „Надувливи архитектонски тела“ во Калифорнија, во јануари. Чико Макмуртри се надева дека ќе добие грант со кој ќе може во Њујорк да ги однесе сите, или барем дел од студентите кои работеа на скулптурата во Скопје, за да може да работат и на некој од неговите проекти.

Автор:Катерина Богоева Миркица Поповиќ


ПОДАРОК: Архитектон

Подаруваме списанија

Добра мисла

If architecture had nothing to do with art, it would be astonishingly easy to build houses, but the architect's task - his most difficult task - is always that of selecting.

Arne Jacobsen


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 54 гости присутни