Оваа земја по независноста требаше и можеше да биде една балканска ѓулбавча, а благодарение на сите власти до една, и на левиот Ојле и на десниот Дојле се претвори во транзициска „Казабланка“ на 21. век
Иронично видување на карактери и феномени од животот содржи новата книга „Каприча“ на Томислав Османли, која беше промовирана деновиве. Како што самиот вели, во неа го „обработува“ балканизмот како локална манифестација на хипокризијата, алчноста и властодрштвото како вечни модели. Османли е автор на седумнаесет книги проза, театарски пиеси, филмски сценарија, медиумска теорија и есеи.
КАПРИЦИОЗНОСТА И ФРУСТРАЦИИТЕ
Новото дело го нарековте „Каприча“. Може ли расказите од книгата да се толкуваат и како критика за каприциозноста, превртливоста на сегашноста?
- Постои разлика меѓу жанрот на капричото, кој е застапен во мојата книга, и појавите во каприциозната стварност во која живееме. Каприциозностите на сегашноста се сите фрустрирачки феномени над кои непрекинато се исчудуваме доживувајќи ги како изневери на етичките принципи во ова општество. Каприц е промена на системот на вистинските со лажни вредности. Кај нас, денес тоа е, пред се', хипокризијата која преку институциите ја пласираат поединци. Тука спаѓаат сите прелаги што под костимот на идеолошките вредности го создаваат карневалот од големата политичка забава на власта, следбениците, но и авторитетите што се согласиле да функционираат како нејзино продолжение; сиот пропагандизам, сета скороевштина, сиот бескрупулозен непотизам и групаштво, меркантилноста без граници, профитерството „без срам и без перде“. Денес тие лажни вредности се шират во јавноста преку гласноговорници, личности или поединци, сеедно, кои им пласираат дошепнувања на своите политички тајноговорници „од високо место“. Денес пропагандизмот и лагата има модерно име: пи-ар, што во балкански контекст и функционира, но и личи на кратенка од пцост. Каприциозност на времето, меѓутоа, е и лесната заводливост на оваа јавност без поизострено критичко мислење, која не прекинува да живее од ветувања и шарени лаги, гладно голтајќи надежи и празни ветувања на врхушките: почнувајќи од приказните за милијарда долари, па до бронзените јунаци и митови на квазиантиката.
Идеологиите се мртви, но каприциозно се живи и, фала на прашање, пукаат од здравје - интересите, печалењето од купопродажбата на жешки национални теми, манипулациите со следбениците и бескрајниот профит. Во оваа земја, која по независноста требаше и можеше да биде една балканска ѓулбавча, а благодарение на сите до една власт и на левиот Ојле и на десниот Дојле, се претворија во транзициска „Казабланка“ на 21. век.
Кој е најкаприциозен, најпревртлив во нашава средина?
- Каприциозни се политичарите кои не можат да израснат до државници, а го постигнуваат нивото на бизнисмени во политиката. Тоа се оние што политиката ја водат како приватен бизнис. Оние што немаат патриотска, туку само приватна профитерска визија. Партиите кои имаат измешани идеолошки практики. Социјалдемократите кои се борат за интересите на олигархијата и десните конзервативци кои се занимаваат со парче социјални програми и голем дел социјална демагогија. Судиите што не израснуваат во независна, вистински трета, туку засега досегаат само до - втора и пол власт. Свештениците кои наместо со духовни се занимаваат со меркантилни добра и трговилаци. Селанчиштата што се поткачуваат во скапите џипови и мислат дека се елита. Скороевците што мислат дека салонската култура се купува со парчето стилски мебел. Шмизлите. Уметниците кои или копнеат да бидат министри или да бидат во милоста на министрите. И сите оние независни интелектуалци и институции за кои важи презумпцијата на натпартијноста, а кои, заедно со нивните почитувани установи, денес поразно ги проголта идеологизмот на власта. Оние кои до вчера читаа реферати за социјалистичката и самоуправна стварност, а сега со истата полетност и речитост читаат клерикално-национални тиради од еден нов идеологизам. Со еден збор, сите оние што ова време ни го прават туѓо со испервертираното поведение, етичките изневери и бескрајниот егоистички прагматизам во кој има се' помалку место за другиот и како сочовек, но и за Другиот како припадник на различна определба и општествена група. Хомосексуалците во душа, первертите во однесувањето. Денес има место на листите за вработување, печатење, снимање и сценско поставување, само за оној Првиот, кој е сопартиец или член на големото партиско Семејство.
„Елегии и гротески, апсурди во проза“ е поднасловот на вашата книга. Има ли излез од гротеската што не' опкружува или таа е уште една претстава во која секој, свесно или несвесно, треба да си ја заземе својата улога?
- Постмодернистичката иронизација тука има плодна почва повеќе одошто каде-годе на друго место. На времето на малограѓанштината и на епохата под новиов гогољевски „Шинел“, му одговара еден саркастичен гогољевски потход како во „Мртви души“. Бобчински и Добчински се наши сограѓани, Ревизорот допрва ќе дојде. Во таа смисла мојата „Каприча“, иако обична збирка раскази, е обид за автоиронија најнапред во уметничките цехови, разголување на лажните музички маестра и на склеротизираните писателските групи и структури што не се даваат, па запаѓаат во фарсичните изневери на вредностите што, претпоставено ги бранат; наспроти оние прекрасни книжевни авторитети меѓу нашите доајени кои вредно работат и постојано си ја обновуваат висока позиција по пат на својот несекнат талент, како да речеме, до крајот на својот живот, знаменитиот наш Коле Чашуле, член на институции, но пред се' непоразен автор. Свесен за таа поделба Димитар Солев своевремено зборуваше за поделбата на автори и на авторитети. Што се однесува до мојата прозна книга, по автоиронијата во структурите и цеховите на кои и самиот им приоаѓам, таа потоа преминува на иронизација и сарказам кон повисоките структури во општествената пирамида, најнапред занимавајќи се со „моралната вертикала“ на властодршците, потем и со патолошката глад на домашните бизнисменковци во чии проширени утроби се варат објекти од социјализмот, туѓи недвижнини, лапнати државни фирми и жални човечки судбини.
На оваа земја и' недостига алтруизам и солидаристичка култура, зашто и' недостигаат вистински херои и предводници со остра, но прогресистичка визија. Затоа напредуваме во историјата, наместо во секојдневието.

ПРОЗАИЧНИОТ АСПЕКТ НА СТВАРНОСТА
Во „Каприча“ направите спој меѓу литературата, музиката, сликарството. Дали таа, мултимедијалност е насоката кон која би требало да се движи творештвото?
- Не знам каде треба да се движи уметноста, тоа движење не се одредува. Тоа е еден вектор сочинет по принципот на ружата на ветровите, составен од индивидуални енергии и креативни преокупации што спонтано се самообликува во насока на движење на вкупното творештво. Лично очекувам експлозија на иронизациите. Творештвото, литературата особено, е сензитивна на појавите на изневерите и отуѓувањето, особено кога се вака омасовени. Сликите во „Каприча“ ги користам како креативен коментар, напати како метафора, контрапункт, со еден збор како разнороден знак кој соработува со текстот. На начинот на кој пред малку говорев за реактуелизацијата на ликовите на Гогољ во домашниов хронотоп, во капричото што го именував „Напрегнато“ пишувајќи за еден современ бизнисмен во чија утроба лекарот наоѓа предмети, луѓе, цели фирми, дури и летувалишта кои успеал да ги голтне, стојат две илустрации на Раблеовиот Гаргантуа како претстави на класичните карикатурални уметници Оноре Домие и Гистав Доре. Илустрациите ги избирав од фундусот на иконографското богатство од нововековното сликарство, цртеж и графика до денес, и тоа беше една додатна творечка авантура во која уживав и која, би сакал да верувам, и' додава еден асоцијативен иконографски слој на оваа проза.
Замислете дека реалноста низ која сега ни поминува земјата, културата, умот се дел од една книжевна приказна од повеќе поглавја. Какво следно поглавје би допишале ако ви се даде можност?
- Веќе го напишав. Тоа е мојата идна книга која се вика „Дваесет и првиот“ и во која еден дел од приказната за својствата на сегашноста е и нејзиниот македонски дел и аспект. „Дваесет и првиот“ е роман и неговиот македонски аспект - зашто тој содржи и слики на други средини, култури и ликови - е потрага по подоброто место за живот и по вистинскиот, оној добриот дел од нас. Тоа за мојот прозен аспект, чија промоција ќе се случи наскоро. Инаку, ако би сакале да се позанимаваме со прозаичниот аспект на нашата стварност, насловот на средишниот дел од нашата приказна би бил „Опстанок“ или „Што да се прави?“ Под ова не подразбирам боен поклич, туку цивилен одговор исполнет со проникливост и со исконска питомина и мудрост.
:::Дневник, Тоше Огњанов
| < Пред | Следно > |
|---|
Studio i3 Architects
Популарно месецов
Конкурси
- Конкурс за дизајнирање на мебел
- Изработка на идејно архитектонско урбанистичко решениe за Спортска повеќенаменска сала во Општина Аеродром - Скопје
- Изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение за реконструкција на Зелен Пазар
- Конкурс за изработка на идејно решение за изградба на деловен објект за потребите на Агенцијата за електронски комуникации - Скопје
- Изработка на идејно архитектонско решение за административен објект на локална самоуправа на Општина Карпош, Скопје
Добра мисла
It seems a fantastic paradox, but it is nevertheless a most important truth, that no architecture can be truly noble which is not imperfect.John Ruskin





