
- Архитектурата не е само ограничена техничка професија. Таа е филозофија на човечкото живеење, длабоко нурнување на животните потреби со целосно владеење на техниката, технологијата, политиката, идеологиите и уметностите. И мојата професионална биографија е стремеж кон теоретското и практично осознавање на таквиот тоталитет. Бев оперативец во градежниот сектор каде што ја совладав техниката, конзерватор каде што ја изучив историјата на градовите, нивното создавање и развиток под влијание на политичкото раководство и социјалните односи. Конечно, станав професор по архитектонско проектирање каде што бев принуден да ја изучам не само методологијата, туку сето она што претходно го споменав како филозофија на живеењето. Во практиката, која требаше да ја пренесам на студентите, преку анонимни југословенски конкурси ја проверував мојата позиција во светот на архитектурата. Преку соодветна литература, се запознавав со теоријата за епохалните достигања во историскиот развиток и напредокот на светот. Архитектурата е најобјективен сведок на промените, а заклучокот е дека секоја епоха создава сопствени позиции и јасно го одразува своето достигање. Кога ми беше оневозможено да бидам проектант, се ориентирав кон пишување, при што морав „континуирано да ги следам случувањата во општеството“, а тогаш најмногу ми помогна непрекинатиот контакт со мојот факултет. Се радував набљудувајќи нови генерации и разговарав со новите наставници - сите мои бивши студенти. Јас провоцирав искуство, а тие ме упатуваа во современост. Архитектурата беше радоста на моето живеење и исполнетост на моето постоење.
Вашето презиме е врзано и за историјата на родниот Охрид во кој ја конзервиравте и црквата „Света Софија“, каде што заштитивте вредни културно-историски споменици, каде што се градени и објекти по Ваши проекти како и во другите делови на земјава. Која е историјата на семејството Чипан, препознавате ли кај себеси дел од семејните карактеристики?
- Не познавам луѓе блиски до мојата меморија кои имаат паметење подалеку од својот прадедо. Во Македонија не постои семејна традиција. Таков сум и јас. Не сум сигурен ни во името на мојот дедо. Татко ми беше старински терзија. Кога тој почина на 90 години, јас бев студент. Тој имаше паметење од половината на 19 век, а јас не искористив да го распрашам за настаните од тој период. Паметам дека само се потсмеваше со презимето на Прличе.
Сакам да потврдам дека се' што сум создавал како архитект е моја лична автосоздаденост. Како дете од длабока провинција, во 30-тите години на минатиот век бев фрлен во престолнината на кралската Југославија. Со една стипендија во 1936 година ги завршив последните години од гимназија, со обврска да продолжам на воена академија. Не знам каков ангел ме спасил од таква професија, едноставно, се направив повеќе кратковид и на приемниот испит ме прогласија за неспособен. Сакав да студирам со друга стипендија. Немав поим што е тоа архитектура и се запишав на Градежен факултет да учам за инженер. Дури таму прочитав дека постои и архитектонски оддел каде што се изучува историја на уметноста, сликарство и проектирање.
Бев единствен Македонец кој ја студираше заборавената професија во Македонија - градителството. Во мене несвесно се појави Охрид од моето детство и младост со античка археологија, прастара тврдина и волшебно езеро.
Во вториот семестар се префрлив на архитектонскиот оддел, а дипломирав во 1941 година, во окупираниот Белград. Така, конечно стапнав на патеката кон фантастичниот свет, наречен архитектура. Често споменувам дека во животот сум имал две привилегии, што сум роден и пораснал во Охрид и што сум станал архитект. Се' што сум направил за мојот роден град како архитект-конзерватор произлезе од тие привилегии. Со радост работев на „Света Софија“ и на старата охридска архитектура, потоа бев професор по архитектонско проектирање и, конечно, пензионер. Првата привилегија ја поттикна мојата приврзаност кон втората.
Македонските градови, во актуелниов период на транзиција, се изложени на различен по обем, но континуиран притисок и од евидентно лоши градби. Каде лежи одговорноста, колку време на овој план не' следи „лоша среќа“, која ја споменувате и во најновата книга?
- Каква власт, таква архитектура. Под поимот власт не ги разбирам само политичарите, туку и владејачката финансиска олигархија. Во секоја епоха архитектурата е продукт на финансиери. Некогаш тоа беа тирани и апсолутисти, просветени монарси, а од 19 век, капиталисти. Денес е актуелен зборот демократија, кој звучи политички прогресивно, но зад кој се крие финансиска моќ со принудни отстапки кон демосот во вид на високи животни стандарди. Тоа е ситуација во т.н. свет на најразвиените држави, идеал и на нашава државица, но ние сме на самиот почеток, сличен на капитализмот од 19 век, од некои социолози наречен „палеотехнички пекол“.
А, лошата среќа е ниското културно ниво на инвеститорите. Наспроти нив, стои веќе едно мнозинство на талентирани македонски архитекти, кои (ретко) во странство докажуваат висок квалитет, а дома се принудени да прават компромиси со претенциозни каприци на новосоздадените богати нарачатели. Токму затоа, во денешново архитектонско творештво се соочуваме со кич-архитектура, но и со тврдокорни творби кои звучат како пораки за иднината. Лошата среќа ќе чека промена на културното ниво на инвеститорите.
Некогаш урбанистичкиот план беше закон кој коректно се почитуваше. Во нашево транзициско време, кога надлежни станаа локалните власти и без министерство за урбанизам, планот стана инструмент за шпекулација. Плати добро и кај ќе посакаш таму ќе ти се нацрта маркичка за каква зграда ти треба, ако сакаш и во парк или во градскиот центар во Скопје, кој е резервиран, пак, за извршната власт (владата) која предвидува споменици на антиархитектурата. Градоначалниците создаваат град по своите ќефови и, богами, за пристојна заработувачка. Во јавноста тоа се вика корупција, а досега таа слабо се открива.
Ако архитектурата на овој период се прикажува амбивалентно, каде што покрај претенциозниот кич, видливи се и блесоци на чекорите кон современото, во урбанизмот завладеа тотален шпекулативен хаос. По архитектурата и урбанизмот на македонските градови ќе биде запаметено нашето транзициско време, а следните генерации ќе можат како од напишана книга да ја прочитаат сегашната „лоша среќа“.

Ги критикувавте често дневнополитичките манипулации со архитектонските и археолошките дела од минатото, но тенденциите не стивнуваат. Колкава е опасноста од нивното неумесно користење?
- Порано споменав дека градскиот центар во Скопје го монополизира владата. Во сите медиуми таа се пофали дека се одобрени големи финансиски средства од државниот буџет (од народот) за обнова на поранешниот Офицерски дом и Банката, за конечно оформување на главниот скопски плоштад, сега именуван како „Македонија“. За овој потфат веќе имам пишувано во македонскиот печат и имаше јавна дискусија во еснафот на архитектите кои се изјаснија категорично против таквите проекти. Поранешниот скопски градоначалник, немајќи категоричен став против идеите на владата, зборуваше за скопската архитектура кажувајќи дека Скопје е затрупано со смет и лежи на лајна, заборавајќи ја и сообраќајната задушеност.
Иницијалната каписла за ваквите ретроградни идеи беше обновата на Климентовата црква на охридскиот Плаошник. Тој стана споменик на Љупчо Георгиевски. Потоа, врз основа на таква мегаломанија, претходниот градоначалник Ристо Пенов се обиде да ја преобрази Старата железничка станица во Скопје во градска куќа. Направи недоквакан конкурс и, за среќа, не успеа да го реализира. Но, го преуреди партерот на плоштадот со што, со уништување на историската алеја од диви костени и претерано проширување, му ја одзеде хуманата димензија. Таквата идеја за создавање споменици на антикултурата во уште поголем обем ја продолжи и актуелната влада. Распишува „анонимни“ конкурси, дури и меѓународни кои завршуваат како заматени „тендери“.Објавуваат конкурс и за 30 скулптури без промислена програма. Анонимните архитектонски конкурси во светот, а некогаш и кај нас, немаат строги и децидни правила. Прво се формира жири-комисија која ќе ја дефинира програмата подготвена од специјалисти, а таа иста комисија ги оценува анонимно доставените трудови. Денес е обратно. Комисијата се формира по пристигнување на проектите, а потоа без формулирани критериуми, се пристапува кон одлуки. За таквата комисија, меродавни се критериумите на нарачателот.
Нашите транзициски власти не сакаат светски стандарди за архитектурата и урбанизмот. Од наместените „анонимни“ конкурси полошо е што и како се гради. Светот гледа во иднината, а нашите ја имитираат историјата. Во нашево време фалсификување уметничко дело се казнува со закон. Архитектурата е исто така уметничко дело!
Со обновата на изгубените објекти, се прави хибриден фалсификат на историјата, а посебно прашање е чија? Објектите на скопскиот плоштад не се наша историја.
Кои се позитивните архитектонски примери кои му одолеаја на времето, што и денес ги сметате за вредни? Ги има ли и меѓу новите решенија?
Вие ги барате позитивните архитектонски примери, а јас пред се' ќе ви посочам два добро - лоши. Во времето на социјализмот, изградени се зградите на МРТВ и на НИП „Нова Македонија“, кои се вбројуваат во коректна архитектура, но со промашена функција како миленичиња на власта. Со парите на овие мастадонти, можеше да се изгради најмодерен клинички центар. Сега тие згради станаа неодржливи за нивните функции. МРТВ не знае што да прави со толкав објект, а „Нова Македонија“ се продаде со шпекулативна постапка. Клиниките останаа да се снаоѓаат со прикрпеници. Тоа се примерите за лошо програмирање на нарачателот.
Од тогашно време во Скопје и во другите македонски градови, како позитивни архитектонски примери кои му одолеваат на времето се сите архитектонски творби што се закитени со вредни награди за архитектура.
Ја споменав амбивалентноста на архитектурата од нашево се' уште транзициско време. Лошите примери ги бодат очите со својата агресивност и кич-претенциозната архитектура. Добрите примери се наградените на три-четири биеналиња на архитектурата, организирани и оценувани од колеги од Македонската асоцијација на архитектите, која на властите им пречи наместо да им помага. Тие архитектонски блесоци, колку-толку ќе ја презентираат македонската архитектура во подобрата иднина на македонското општество.
За зградата на МАНУ во 1976 година ја добивте југословенската награда за архитектура „Борба“, за животно дело „11 Октомври“, наградени сте и со „Андреј Дамјанов“ и со други признанија. Вашата дејност била поврзана со истражување, заштита и инкорпорирање на националните белези во архитектурата. Ви се обраќаат ли често за консултации помладите колеги и денес, кога одбраната на белезите повторно е во фокус на интерес?
- Дали сте ја чуле поодамнешната шега за македонскиот сектор на пеколот? Околу казаните каде што се варат македонските грешници, нема ѓаволи-чувари. Ако некој се обиде да избега, останатите сами го враќаат назад!
Тоа е одлична персонификација за најновата македонска недозреаност, која се манифестира како премолчување и свесно заборавање. Немаме интерес за создавање традиција и акумулација на вредностите. Кога ги добив сите архитектонски награди, нашироко објавени во сите медиуми, помислив дека ќе имам голем избор на нарачатели за проекти. Не се појави ниту еден. Мојот придонес во конзерваторската практика стигна до многу европски колеги, а моите наследници во оваа дисциплина започнаа од себе си. Јас оставив европска практика, а тие се свртија кон „наука“. Вo средбите со помладите колеги, не давам совети кои никој не ги бара, само дискутирам со нив. Формално, сите млади ме почитуваат.
- Катерина Богоева
::: Глобус
| < Пред | Следно > |
|---|
Популарно месецов
Конкурси
- Конкурс за дизајнирање на мебел
- Изработка на идејно архитектонско урбанистичко решениe за Спортска повеќенаменска сала во Општина Аеродром - Скопје
- Изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение за реконструкција на Зелен Пазар
- Конкурс за изработка на идејно решение за изградба на деловен објект за потребите на Агенцијата за електронски комуникации - Скопје
- Изработка на идејно архитектонско решение за административен објект на локална самоуправа на Општина Карпош, Скопје





