д-р Димитар Ќорнаков легенда на македонските културо-историски дејности


Рим Брисел и Лондон трепереа од возбуда пред македонските резби

Рим Брисел и Лондон трепереа од возбуда пред македонските резби а ние иако имаме културно богатство со светска вредност, се уште се однесуваме некако инфериорно, како да не си веруваме самите на себеси.Нашите македонски копаничарски резби се најстари и најубави на Балканот, а уште немаме репрезентативна монографија за тоа.

Пред нив, кога ја водев изложбата низ Европа, се поклонуваа илјадници посетители во Рим, Лондон, Брисел, Стохолм...', вели проф. д-р Димитар Ќорнаков, отворајќи ја темата за нашето културно-историско богатство и нашиот однос кон него.

За осумдесетгодишниот проф. д-р Димитар Ќорнаков велат дека е 'жива' легенда на македонската наука за духовното наследство, своевидна институција кога станува збор истражувањето на нашите манастири, односно богатствата што останале во нив. Роден е во Стојаково, богословија учел во Битола и во Софија, дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а докторирал во Белград за творештвото на мијачките резбари на Балканот, темелно проучувајќи го нивното копаничарство во Македонија, Бугарија, Грција, Албанија и Србија. Двапати престојувал на Атос, каде ги проучувал резбаните иконостаси по светогорските манастири.

За време на својот активен работен век истражувал во речиси сите македонски манастири, објавувајќи голем број монографии за македонските сакрални објекти, резбарството и копаничарските центри, за црквите и манастирите во Тиквешијата, како и монографии за Петре Гарката и Макариј од Галичник.
Истовремено, проф. д-р Ќорнаков е и меѓу авторите на монографијата за спомениците на културата во Македонија, но и на монографиите за манастирите 'Свети Наум', 'Јован Богорски', 'Света Пречиста Кичевска' и други.

Македонија има 25.000 регистрирани икони !

Пред дваесеттина години бил комесар на изложбите на македонските резби во Братфорд, Лондон, во Кралскиот музеј во Брисел, во Нордискиот музеј во Стокхолм, во палатата 'Венеција' во Рим, потоа во Болоња, но и во Волос, Грција.
Според негови сценарија реализирани се дваесетина документарни филмови со кои се афирмира нашето културно,богатство.

Co проф. д-р Ќорнаков разговараме за неговите истражувања во македонските манастири, за проблемите со кои се соочувал, за односот на државата кон своето културно наследство, за презентацијата во светот, но и за состојбата во која се наоѓаат некои наши исклучително значајни културно-историски споменици.

По дипломирањето десет години работев на терен, истражувајќи во сите цркви и манастири, но сепак акцентот на мојата работа беше да се евидентираат сите икони заклучно со 19-ти век. Во тоа време регистриравме преку 25.000 македонски икони, меѓу кои има и вистински ремек-дела. Сепак, како млад истражувач во тоа време. значи на почетокот од шеесеттите години на минатиот век, голем предизвик ми беше копаничарството. кое тогаш речиси никој не го истражуваше, а голем дел од најрепрезентативните копаничарски дела, пред се иконостаси и црковни двери, беа речиси пред целосно уништување. Почнав од она што го имавме во тогашна Социјалистичка Република Македонија, но потоа го проширив истражувањето и во Пиринска и во Егејска Македонија, односно во сите цркви и манастири каде што работеле наши, македонски резбари.

Седум години го обработував материјалот, а потоа пријавив докторска дисертација на Универзитот во Белград.Докторирав на мијачките резбари и нивните дела на Балканот. Докторирав во Белград затоа што во Македонија во тоа време немаше професори од таа област, односно немаше можност да се докторира на тема, немавме кадри пред кои можев да ја бранам тезата. Јас бев прв што ги истражуваше македонските резби.

Подоцна, за да ја комплетирам монографијата за резбите на Балканот, двапати бев и на Света Гора, каде што исто така има вредни дела од македонската копаничарска школа. Во меѓувреме, добив стипендија од италијанската влада за едногодишен студиски престој во Рим, поточно во Централниот институт за реставрација. По завршувањето на стипендијата, добив покана од Институтот да останам уште една година, но се случи земјотресот во Скопје и јас морав да се вратам во Македонија, односно не ја искористив стипендијата.

Инаку, во Централниот институт во Рим проучував методи за заштита на иконостасите работени во резба, значи токму она што требаше да се пренесе како искуство кај нас за да се заштитат нашите прекрасни резби. Кога бев назначен за директор на Заводот за заштита на културните споменици, веднаш основав лабораторија и создадов тим за хемиска и физичка заштита на нашите икони и иконостаси, кои беа пред пропаѓање. Вршевме заштита и конзервација на сите иконостаси во Македонија, особено на оние што беа во многу лоша состојба поради црвојаднина. Тогаш, на пример, беше спасено од пропаѓање македонското копаничарско ремек-дело, прекрасната резба во црквата 'Свети Спас' во Скопје.
Тој иконостас беше дури трипати третиран со специјални средства за заштита за да се доведе во нормална состојба, односно во онаа состојба во која е денес, вели Ќорнаков.

Се разбира, теренската работа секогаш му била во прв план, па затоа продолжил да ги истражува македонските манастири, особено оние што дотогаш многу малку или воопшто не биле истражувани, како, на пример, Полошкиот манастир или мансстирот 'Свети Никола' во село Слепче, прилепско. Сиот тој материјал, собран од истражувањата во манастирите и црквите во Македонија, подоцна бил обработен и публикуван во десетина исклучително значајни монографии за македонската културна и духовна историја.Во тоа време истражувачката работа се одвиваше преку проекти, кои беа одобрувани од секретаријатот за наука и образование на Македонија. Прв голем научен проект на кој работев беше проектот за истражување на манастирот 'Свети Никола' во прилепско Слепче, кој датира од 17-ти век.

Таму откривме исклучително богат фрескоживотопис, кој сега, за жал, не е во добра состојба. Ако не се направи нешто во најскоро време ќе пропадне едно многу вредно наше богатство, зашто станува збор за автохтони мајстори-зографи, кои покрај живописот работеле и на иконите. Манастирот поседуваше многу стари икони, a имаше и многу записи и натписи, дури и за тоа кој ги работел резбите и фреските, што многу го олеснуваше пишувањето на историјата на целиот комплекс. Утврдивме дека во 17-ти век во манастирот живееле исклучително талентирани уметници, предводени од игуменот, кој раководел со работата. Заедно со него работеле на фрескоживописот, но и на резбата. Биле исклучително надарени зографи, но и копаничари. Станува збор за навистина вредни фрески, икони и скапоцена резба, кои се во самиот врв на предмети во голема уметничка вредност.

Европска сензација

Веднаш по завршувањето на проектот во Слепче, работевме на голем проект за сакралните објекти, цркви и манастири во Пелагонија, Преспа и Демирхисарско.
Токму врз основа на тие истражувања, многумина помлади истражувачи, членови на екипата, направија теми за магистратури, одбранија докторати или објавија монографии за одделни објекти. Третиот голем проект што би сакал да го издвојам секако е истражувањето на Полошкиот манастир, најдрагиот мој споменик на кулутарата, каде што неколку години раководев екипа за истражување, конзервација и заштита на овој исклучителен манастир за македонската духовна и културна историја.

Станува збор за објект за кој првите пишани сведоштва говорат дека е стар речиси седум века. Во Полошкиот манастир работевме од 1982-та до 1987-та година, откривајќи многу сензационални податоци за вкупната историја на македонскиот народ, но и на историјата на Балканот воопшто.
За жал, манастирот го затекнавме во многу лоша состојба, односно за него никој не се грижеше, особено по изградбата на Тиквешкото езеро кое ги пресече сите патишта кон него. Cera до овој исклучителен објект се стигнува само со чамец за неколку часа, ако се тргне од Ресава или од браната кај Возарци. Пред да почнеме да истражуваме во овој објект, тој беше речиси сосема непознат, односно анонимен со литератаурата, а освен тоа беше и погрешно датиран.

Таму откривме епохални откритија, всушност направивме сензација од европски формат, откривајќи ремек-дела во фрескоживописот, во резбата, но и некропола на владетели за кои дотогаш историјата не знаеше каде се точно нивните гробови. Сега тој манастир е проучен, истражен, реставриран и конзервиран, но сепак чинам дека за него би било најдобро кога би се создале услови таму да заживее монашко братство, кое ќе се грижи за овој скапоцен духовен простор. Инаку, можеше да се случи повторно да не се врати во времето кога до него се стигнуваше низ дрвја, камења и грмушките што го сардисаа објектот од сите страни. Тоа е манастир што вреди да се стави на сите карти за посета на највредните објекти во Македонија, зашто по својот ранг и значење е на исто рамниште со најпознатите и најубавите наши манастири.

За жал, чинам дека ни државата, ни црквата, ни општината не се погрижија по големите европски откритија во Полошкиот манастир да се постави човек кој ќе се грижи за тоа наше големо културно-историско богатство, вели Ќорнаков, потсетувајќи се на сезнационалната европска изложба на наши резби кои предизвикале огромен интерес во најголемите културни центри во Европа.

Пред дваесет години бев комесар на изложбата на македонските резби во најголемите центри низ Европа, почнувајќи од Лондон, преку Брисел до Рим.
Во Европа излеговме со нашите најубави резби, а оние што доаѓаа да ги видат буквално занемуваат пред нивната убавина.Всушност, приемот на таа наша изложба во Европа беше извонреден. Сите беа воодушевени, а музеите и галериите буквално се тркаа кој попрво ќе ја преземе изложбата. Одѕивот за изложбата во весниците и електронските медиуми во Лондон, Стокхолм, Брисел, Рим и другите центри беше феноменален. На ударни места се зборуваше за нашето богатство во суперлатив. Притоа треба да се знае дека во Европа се претставивме со оригиналите.
Односно имаме околу 60 оригинални резбарски експонати од најврвните македонски копаничарски имиња, почнувајќи од 16-ти до 19-ти век.

Сега подготвуоам монографија во која ќе бидат собрани сите највредни наши резби, а монографијата ќе биде преведена на неколку јазици за да може да комуницира со многу поширок круг на читатели кои можеби допрва ќе треба да откријат какво скапоцено богатство има Македонија, иако со векови била грабена и ограбувана. Јас тврдам дека ние се' уште сме духовно и културно меѓу најбогатите народи во Европа, ако се знае дека сме мал народ кој има толку големи дела. Кога денес се потсетувам на времето кога почнавме да работиме во нашите манастири и цркви, можам да бидам задоволен од тоа што е досега постигнато. За жал, на почетокот немавме речиси никаков стручен кадар за тоа, па мораше да се изгуби многу време додека не се екипиравме како што треба. Денес имаме врвни конзерватори кои се ценети и надвор од државата.

Но се уште тој кадар не е доволен да се заштити и конзервира се што треба да се заштити. Од друга страна, чинам дека малку се прави и за презентација на она што го имаме.Малкумина компетентни луѓе се одлучуваат да направат монографии со кои ќе се претставиме пред светот како земја со длабоки корени и автентична уметничка и духовна енергија. Мислам дека треба поголем ентузијазам, но, се разбира, и повеќе средства за да се доближи нашето богатство до светот.
Само така можеме да го навикнеме нашиот човек да се гордее со своето богатство зашто ако нешто не знаеш дома, не можеш да го презентираш ни пред јавноста во светот. Крајно време е да се осознае што имаме во македонските манастири како духовни центри што опстојувале и во најтешките времиња. Во последнава деценија монасите ја вратија вербата дека сепак можеме долгорочно да го спасиме она што останало, што се зачувало самото себеси или со наша скромна помош.

Порано. на пример, манастирот Јован Бигорски ќе го реставриравме, и ќе му го оставевме на некој чувар кој ниту знае, ниту може да знае какво богатство чува, и набрзо тој пак ќе се запустеше. Денес таму има монаси кои секојдневно живеат со духовната енергија што останала во фреските, резбата и иконите; енергија која со векови го крепела манастирот. Затоа таму каде што има живот, таму каде што има манастири, сметам, дека може да се вратат оние работи што беа пренесени во музеите. Велам: треба да се вратат, но не со ризик. А има ли поголеми чувари од монасите, како во манастирот Зрзе, кои живеат со манастирот во секој миг, постојано и предадено, вели Ќорнаков, кој минатата година за својата долгогодишна работа по македонските манастири ја доби наградата 'Климент Охридски' за животно дело.

За она што сум го работел досега, мојата финансиска сатисфакција е речиси нула, но мојата желба да спасам од заборав и пропаѓање дел од културно-историското богатство на мојот народ сепак е најголема сатисфакција. Мојот животен сон е исполнет со тоа што најголем дел од она што сум го собрал во изминатите пет децении по македонските манастири го имам објавено, значи забележано и документирано. За тоа голема благодарност секако и должам и на издавачката куќа Матица Македонска, која најчесто со свои средства ги печатеше монографиите за македонските манастири, вели проф д-р Ќорнаков, кој дури сега, како пензионер, конечно стана универзитетски професор.

Имено, како што вели, сега држи предавања на Европскиот универзитет за македонските резби, за кои нема покомпетентен човек од него, ако се знае дека токму нив почнал да ги истражува уште во педесеттите години на минатиот век. Според него, иако многу од најстарите и најрепрезентивни манастири и цркви се реставрирани и конзервирани, сепак најголем дел сеуште недоволно се презентирани пред пошироката јавност, иако имаме стручен, научен кадар, кој може да подготви компететнтни дела, монографии и студии за одделни објекти.


Таквата состојба, смета тој, најмногу се должи на тоа што државата нема стратегија за финансирање и презентирање на културното богатство во светот.
Во тој контекст, многу слабо или никако не се поддржуваа монографски дела, а тие се основа за да се претстави она што го имаме надвор од Македонија.

Богатство од 14-ти век

Според белешките што се уште ги чува во својата архива, проф д-р Корнаков за првпат го посетил Полошкиот манастир Свети Горѓи во 1957-та година. Потоа, точно таму, само триесет години подоцна, тимот истражувачи под негово раководство доаѓа до сензационално откритие: пронајдени се гробници на благородници за кои дотогаш никој не знаел дека се погребани токму во дворот на овој манастир.

Првите сознанија за историјата на Свети Ѓорѓи-Полошки потекнуваат од 1340 година, кога со одлука на кралот Стефан Душан манастирот бил даруван на Хиландар на Света Гора, но 38 години подоцна деспотот Јован Драгаш и брат му Константин го даруваат заедно со имотите на рускиот манастир Свети Пантелејмон исто така на Света Гора. До 1982-1987, додека траеше нашето истражување речиси ништо не се знаеше за историјата на овој исклучително значаен македонски манастир.

Дури тогаш ги откривме историските портрети на Драгушин, неговата сопруга Ана, ктиторскиот портрет на деспотицата Марија, мајка на Драгушин, синот на Драгушин и Ана со натписи и друго. Освен тоа беа откриени и портрети во цел раст на кралот Душан Стефан, неговата сопруга Елена и синот Урош, како и еден натпис кој се однесува на Стефан Душан.
Се сеќавам дека огромен интерес предизвика ископувањето на гробот на Драгушин и откривањето на портретот на Свети Ѓорѓи,патронот на црквата.

Освен извонредното фрескосликарство,манастирската црква поседува врвни резбарски дела:Голем крст со Распетие Христово, полилеј, трокрилна врата на црквата, две двокрилни врати од припратата, дел од игуменскиот стол.Големиот крст со Распетието Христово е од 1584 г. И претставува извонредно резбарско остварување.Тој е една од најрепрезентативните и најстари целини од овој вид во Македонија, вели др. Ќорнаков, кој цели пет години посветил на овој наш манастир од 14 век до кој може да се дојде само со чамец, по неколку часовно патување од браната на Тиквешкото Езеро кон сливот на Црна река во езерото.

:::Фокус


ПОДАРОК: Архитектон

Подаруваме списанија

Добра мисла

Consider the momentous event in architecture when the wall parted and the column became.

Louis Kahn


fb twicon_rss
Macedonian Albanian Bulgarian Croatian Czech Danish English French German Italian Portuguese Russian Slovenian Spanish Turkish

Посетители онлајн

Има 89 гости присутни